Пенал – победа за Шкендија против Работнички

Шкендија го совлада Работнички со 1-2 на Националната арена „Тодор Проески“, откако Агим Ибраими двапати реализираше од белата точка, во 19.минута за израмнување на резултатот и во 90.минута за триумф во Скопје. „Романтичарите“ последните десетина минути ги одиграа и со играч помалку поради исклучувањето на капитенот Горан Силјановски, кој заработи два жолти картони.

Работнички поведе во шестата минута со голот на Николче Шаркоски. Тој доби топка на работ од шеснаесетникот, и со силен удар го совлада Захов.

Стојков во 19.минута стартуваше над Бесарт Ибраими, судијата Александар Ставрев покажа на белата точка, а успешен реализатор беше Агим Ибраими. Работнички имаше нови шанси за водство, но Захов одлично интервенираше при ударите на Ацковски и Шаркоски, а Јаго шутираше за малку крај голот.

Во вториот дел, Давид Тошевски и Горан Силјановски сериозно се заканија, но Захов повторно беше на висина на задачата. На спротивната страна, Илиќ спаси сигурен погодок за Шкендија.

Во 78.минута Силјановски заработи втор жолт картон, Работнички остана со десетмина на теренот, а Шкендија тргна во офанзива за победа. Во 90.минута, Самир Фазли беше соборен во шеснаесетникот, Ставрев уште еднаш покажа на пеналтикот, а Агим Ибраими вторпат го совлада Дамјан Шишковски.

Шкендија се израмни со третопласираниот Силекс со 21 бод, девет помалку од лидерот Вардар, а Работнички останува на последното место со 10 освоени бода.

Се вчитува...