Пенал-рулетот донесе среќа на Ливерпул и на Манчестер Сити

Ливерпул ја продолжи серијата победи во пенал-рулетите против Челси, петти триумф на „црвените“ против лондонските „сини“ кога победникот се решавал со удари од белата точка. Двата тима одиграа егал во осминафиналето од лига-купот, но на крајот на билет за четвртфиналето се радуваа избраниците на Ираола, кои по дури осум серии сепак успеаја да стигнат до победата (мечот по 90 минути игра заврши 1-1, со пеналите на Гакпо за Ливерпул и на Роџерс за Челси).

Челси има за што да жали, во седмата серија промаши Гравенберх, но Лавија не ја искористи можноста да го одведе својот тим во следната рунда. Веќе во следната серија прецизен за Ливерпул беше Џо Гомез, одговорноста кај Челси ја презеде Фофана, но дефанзивецот шутираше крајно непрецизно што значеше елиминација на тимот од „Стемфорд бриџ“ од лига-купот.

Манчестер сити со многу среќа, дури во пенал рулет успеа да го елиминира Брајтон откако „граѓаните“ се вратија од 0-1 и 1-2 и на крајот сепак стигнаа до билет за четвртфиналето. Рејс постигна среќен гол за 2-2 откако слободниот удар на Шерки го удри во ногата и го измами гостинскиот голман. Во пенал-рулетот прв промаши Сити преку Ковачиќ, но херој беше голманот Рули, кој во последните две серии ги запре ударите на Ајари и на Данк, на огромна радост на „граѓаните“.

Кристал Палас како гостин го совлада Фулам со 0-1 со голот на Нкетиа во првото полувреме, додека Сандерленд пред своите гледачи славеше над Брентфорд со 3-2.

Најубедливи вечерва беа фудбалерите на Борнмут, кои со 3-0 ја декласираа Астон Вила со погодоците на Адли, Кук и Родригез.

Се вчитува...