Перез: Модриќ е најдобриот играч за врска во светот, би можел повторно да ја освои Златната топка

Лука Модриќ доминираше во финалето на шпанскиот Суперкуп во кое неговиот Реал Мадрид го победи Атлетик Билбао со 2-0, а покрај трофејот наменет за победникот на натпреварувањето, го освои и трофејот за најдобар играч на натпреварот.

Модриќ повторно одигра на високо ниво, го постигна првиот гол на натпреварот и заработи пофалби од шпанските медиуми, но и од претседателот на клубот Флорентино Перез.

Перез го прокоментира новиот трофеј на Реал, за кој беше заслужен и голманот на тимот Тибо Куртоа, кој им влеа доверба на соиграчите, а на крајот од мечот му го одбрани пеналот на Раул Гарсија.

„Не би сакал да се фалам, но Реал ги има двајцата најдобри во светот на своите позиции. Ние го имаме најдобриот голман, а Модриќ е во форма која го враќа во кругот на играчи кои би можеле да ја освојат Златната топка“, изјави Перез, изразувајќи восхит за двајцата фудбалери.

Перез наскоро би требало да седне на маса за преговори на нов договор со Лука Модриќ. Хрватскиот капитен е врзан за клубот само до крајот на оваа сезона, но шпанските медиуми се сигурни дека соработката ќе продолжи и во наредната.

Се вчитува...