Пешиќ го избра капитенот на Србија за претстојното СП

Селекторот на српската репрезентација, Светислав Пешиќ, го избра Богдан Богдановиќ за нов капитен на националната селекција на нашиот северен сосед за претстојното Светско првенство што ќе стартува следниот месец.

Богдановиќ со години наназад е стандарден репрезентативец на Србија, со која освои три сребрени медали, на СП во 2014, на ОИ во 2016 и на ЕП во 2017 година. Тој ја презема капитенската лента од Владимир Лучиќ, кој поради повреда нема да може да настапи на светскиот шампионат.

Селекторот Пешиќ утре ќе го објави списокот на кандидати за настап на мундијалот, а како што денеска објавија српските медиуми, на него ќе го нема Никола Јокиќ. Српскиот центар се уште е на одмор во татковината по пренапорната сезона во Денвер, па „орлите“ стравуваат дека тој нема да може да му се стави на располагање на стручниот штаб. Во тимот речиси сигурно ќе го нема ниту Василије Мициќ, кој летово потпиша за Оклахома Сити и планира порано да замине за САД во обид да се наметне во новиот клуб, а поради повреда се очекува да отпадне и кошаркарот на Барселона, Никола Калиниќ.

Покрај овие откажувања, неизвесен е и настапот на Jовиќ, Покушевски и на Јарамаз, чие неиграње уште повеќе би ги зголемило главоболките на селекторот Пешиќ на овој кошаркарски мундијал.

Се вчитува...