Петар Ангелов потпиша за Пролет

Долгогодишниот македонски репрезентативец Петар Ангелов ја продолжува кариерата во дресот на Пролет. Преговорите меѓу скопскиот суперлигаш и искусниот чувар на мрежата почнаа пред новогодишните празници и на крајот завршија успешно, па Ангелов денеска го стави потписот на договорот со Пролет, со важност од една и пол сезона.

Петар Ангелов ја почна професионалната кариера во 1997 година во Тиквеш. Потоа тој настапуваше и за Пелистер, Вардар и Металург на домашната сцена, а има настапувано и неколку земји ширум Европа, за Трембле во Франција, Анталија во Турција, Кремс во Австрија и Ратинген во Германија.

Пролет веќе обезбеди пласман во плејофот, но со ангажманот на искусниот чувар на мрежата покажува сериозни амбиции да се вмеша во борбата за четвртото место и излез во ракометна Европа. Добра вест за тренерот Матлиески е враќањето на левиот бек Александар Василевски, кој се рехабилитираше од повредата на коленото, а од раководството на Пролет не ја исклучуваат можноста за ангажман на уште некое засилување.

Се вчитува...