Петте откровенија на СП 2018

Меси, Нејмар, Левандовски, Де Хеа и многу други разочараа со својот настап на СП 2018, но затоа имаше и играчи од кои не се очекуваше премногу, но блеснаа на најголемата сцена, покажувајќи го својот квалитет кога беше најважно за нивните репрезентации. Ова се петте играчи кои важат за најголеми откровенија на мундијалот во Русија.

Анте Ребиќ (Хрватска)

Брзоногиот Хрват е едно од откровенијата на Златко Далиќ, кој му даде слобода на асот на Ајнтрахт, а овој му одговори со серија добри игри. Постигна прекрасен гол против Аргентина, но Ребиќ ги одигра на високо ниво и останатите натпревари, помагајќи во одбраната, истовремено и создавајќи им многу проблеми на противничките бекови по страничните позиции. Нико Ковач сака да го доведе во Баерн, челниците на Ајнтрахт ја кренаа цената на 40 милиони евра, а се очекува по мундијалот во трката по неговите услуги да влезат и неколку англиски премиерлигаши.

Хари Мегвајер (Англија)

Што ти значи доверба на селектор – Мегвајер до 2017 година беше член на Хал, тим со кој испадна од Премиер-лигата. Минатото лето се пресели во Лестер, ниту таму немаше брилијантна сезона, но Саутгејт инсистира ткму Мегвајер да биде стартер во одбранбената линија од тројца играчи. Не само поради голот против Шведска, дефанзивецот импресионира пред се со својата сигурност со која ги исполнува одбранбените задачи, одлично надополнувајќи се со Стоунс и со Вокер.

Ирвинг Лозано (Мексико)

Брзоногиот офанзивец го постигна победничкиот гол против Германија, најавувајќи го мундијалското фијаско на светскиот шампион. Лозано имаше зад себе одлична сезона со ПСВ Ајндховен, но по серијата добри игри за Мексико во Русија сега овој фудбалер со право сонува за мега-трансфер во некоја од големи европски лиги. Се говореше за интерес од Барселона и Јувентус, а според последните информации Жозе Мурињо е подготвен да плати 40 милиони евра за да го доведе Лозано на „Олд трафорд“ како замена за Марсијал.

Бенџамин Павар (Франција)

Неочекуван избор на Дидие Дешамп, овој млад дефанзивец одлично се снајде како десен бек иако во Штутгарт најчесто настапува во срцето на одбраната. Павар почна нервозно на премиерниот меч со Австралија, но од натпревар во натпревар делува се подобро. Голот против Аргентина ќе конкурира за еден од најдобрите на мундијалот, но младиот Французин најмногу импресионира со сигурноста во исполнувањето на дефанзивните задачи.

Следното лето ќе биде достапен за трансфер со клаузула од 35 милиони евра, а Баерн Минхен и Манчестер сити веќе покажаа сериозен интерес да го доведат во своите редови.

Александар Головин (Русија)

Пред мундијалот се говореше за Головин како предводник на рускиот состав, но малкумина очекуваа асот на ЦСКА Москва да се прикаже во толку добро светло на овој мундијал. Сигурен во поседот на топката, борбен во секој дуел, брзоног и инвентивен, Головин експресно покажа зошто се наоѓа на листата со желби на неколку европски гиганти.

Според последните информации негова следна дестинација ќе биде Челси, на инсистирање на рускиот газда Роман Абрамович кој нема да жали пари за да го доведе својот сонародник на „Стемфорд бриџ“.

Се вчитува...