Пласман на ЕП е сам по себе инспирација, но репрезентативците ќе се мотивираат и со 350.000 евра за прво место во групата

Македонската сениорска репрезентација вечерва од 20:45 часот на гостувањето против Гибралтар ги стартува натпреварите во новокреираната Лига на нации преку која ќе се бара шанса за пласман на Европското првенство 2020.

Сосема е јасно дека пласман на завршница од едно големо натпреварување е сам по себе огромен мотив за оваа генерација македонски фудбалери, која е микс на искуство и младост. Но, репрезентативците ќе бидат, без сомнение, мотивирани и со одлуката на Фудбалската федерација на Македонија да им додели вкупна премија од 350.000 евра како парична награда која би ја поделиле фудбалерите и стручниот штаб за освоено прво место во групата во која, покрај со Гибралтар, сме уште и со Ерменија и Лихтенштајн.

„Првото место во групата е еден од приоритетите не само за фудбалерите и стручниот штаб во А репрезентацијата, туку и за Фудбалската федерација на Македонија. Сите се убедени дека во оваа репрезентација има и фудбалски и стручен квалитет за освојување на првото место во групата“ – истакнаа од Фудбалската федерација на Македонија по одлуката за доделување финансиска премија за националниот тим.

Во рамките на септемврискиот собир, на стартот од Лигата на нациите, покрај денешниот натпревар со Гибралтар, Македонија на 9. септември (недела) ја очекува и пресметка со Ерменија на националната арена „Филип Втори“ во Скопје.

Се вчитува...