По 33 години, згаснува Интернационалниот охридски атлетски маратон

По 33 години одржување и дефинитивно згаснува една од најстарите домашни атлетски манифестации, Интернационалниот атлетски маратон во Охрид. Годинашното 33. издание кое се одржа на 8. септември ќе биде и дефинитивно последно, соопшти претседателот на организацискиот одбор, Пецо Неданов.

„Со големо жалење морам да ги известам сите љубители на маратонското трчање дека дефинитивно традицијата на Меѓународниот Охридски атлетски маратон нема да продолжи во наредната 2020 година. Со години наназад се боревме и покрај сите не разбирања на наталожените проблеми да ја продолжиме традицијата долга повеќе од 30 години. Во 2020 требаше да биде 34. по ред, но очигледно нашата желба да и покрај минусните салда кој ги правеше маратонот упорно ја продолжуваме традицијата, некој ја сфаќаа погрешно во смисол да ние имаме интерес и затоа ја продолжуваме традицијата. Со последното годинешно издание бев принуден лично да ги исфинансирам поголемиот дел од трошоците, а најголемиот дел од нив ми се вратија скоро 90 дена по завршување на маратонот, а одредени трошоци останаа неисплатени поради намалената сума од предвидената. Се извинувам но не сум во состојба тоа да го правам повторно. Испративме дописи до одговорните институции и поставивме конкретни прашања со колку средства планираат да не помогнат за наредното 34. издание, но никој ништо не одговори. Треба ли по два или три пати да го правиме истото и да добиваме празни ветувања, е па се уморивме од тоа. Затоа дефинитивно ова е крај на оваа традиција, а да даде господ некој ентузијасти како нас пак после 10 годи пауза ја продолжат традицијата. Ова е маратонот на нашата младост, на првите членови на АК Охрид, и секако дека има многу големо значење за нас, но без поддршка на институциите за жал мора да згасне. Сметавме дека по примерот на Европските и Светските метрополи и градот Охрид ќе биде горд на еден ваков традиционален настан и ќе настојува да ја продолжи оваа долга традиција, но ниту тие ниту државата застана со свој дефинитивен став зад оваа традиција која сите овие години од 2004. навака е заснована само на ентузијазам и љубов на одредени членови кон атлетиката и маратонското трчање. Длабоко им се извинувам на сите маратонци кој се заљубени во оваа трка и кој едвај го чекаат наредното издание како од земјава така и од соседните земји, се надевам дека некој ќе се свести и нема да дозволи да згасне оваа традиција, а дотогаш ви посакувам лесни нозе и уште многу успешни маратонски трки“ – се вели во соопштението од Неданов.

Маратонот на своите почетоци се одржуваше на 7. Ноември – Денот на ослободувањето на град Охрид, за во независна Македонија да се премести на 8. септември – Денот на независноста на Македонија. Во годинава која заминува победници на маратонот беа Мозес Кипруто и македонската атлетичарка Адријана Поп Арсова.

Се вчитува...