Колумбијците бесни на судијата Гајгер – како Американец да ни суди против Англија

Репрезентацијата на Колумбија мораше да се соочи со осминафинална елиминација на Светското фудбалско првнество. Во поразот од Англија, колумбијските фудбалери постојано имаа забелешки за одлуките на судијата Марк Гајгер, а по натпреварот и во официјалните изјави имаа многу да кажат за американскиот арбитар. Напаѓачот Радамел Фалкао отворено го обвини Гајгер дека бил пристрасен кон Англичаните.

„Ми беше чудно уште кога дознав дека ќе имаме американски судија. Да бидам искрен, ми остaнаа многу дилеми. Тој зборуваше само англиски, сигурно имаше предрасуди. Со мали работи постојано не оддалечуваше од нашиот гол“ – изјави по натпреварот, Фалкао кој тврди дека голем дел одлуки на Гајгер биле во корист на Англија.

Од 36 фаули на натпреварот, 23 беа на Колумбијците, тие добија шест од осумте жолти картони, а Гајгер досуди и пенал против нив по фаулот на Карлос Санчез. Поради сето ова, Фалкао смета дека имало очигледно фаворизирање на „трите лава“.

За Марк Гајгер ова не е прв натпревар на Мундијалот со контроверзи. Тој беше обвинет дека за време на дуелот меѓу Мароко и Португалија, наводно му го побарал дресот на Кристијано Роналдо. ФИФА експресно застана во негова одбрана тврдејќи дека такво нешто не се случило.

 

 

 

Се вчитува...