Побегна од училиште, даде гол на „Олд Трафорд“ и ја најави судбината на Солскјер

Рочдејл на пенали беше елиминиран од Манчестер Јунајтед во англискиот лига-куп, но Лук Матесон цел живот ќе го памети голот што го постигна на „театарот на соништата“ во Манчестер. Тој го замолкна „Олд Трафорд“ израмнувајќи на 1-1, но соиграчите на Матесон немаа сили да ја комплетираат сензацијата, губејќи во пенал-рулетот од најтрофејниот англиски клуб.

Ова 16-годишно момче не ни требаше да игра, бидејќи имаше закажано тест по психологија, но кога дозна дека неговиот тим се среќава со големиот Манчестер Јунајтед, тој реши да „побегне од училиштето“, воопшто не појавувајќи се на тестирањето.

Тој е роден во околината на Манчестер, но не навива ниту за Јунајтед ниту за Сити, туку за Норвич, како и неговиот татко.

„Секогаш настојувам да не изостанувам од училиште, јасно ми е дека образованието е поважно бидејќи фудбалот не дава никакви гаранции во животот. Сепак, мечот во Манчестер беше нешто што не смеев да го пропуштам“ – изјави Матесон.

Погодокот на тинејџерот дополнително го „закопа“ Оле Гунар Солскјер, кого пенал-победата не го спаси од дополнителни критики по оние од поразот од Вест Хем во Премиер-лигата. Норвежанецот се повеќе делува како човек без одговор за кризата на „ѓаволите“, а медиумите на „островот“ најавуваат дека тој би можел веќе в понеделник да добие отказ, доколку Јунајтед не стигне до цел плен на дербито со Арсенал.

Се вчитува...