Почина првиот човек кој истрча 100 метри под 10 секунди во историјата

Почина Американецот Џим Хајнс кој ќе остане засекогаш запаметен како првиот атлетичар кој официјално истрча 100 метри под десет секунди во историјата.

Хајнс, кој беше и олимписки шампион на 100 метри од 1968 година, почина денеска на 77-годишна возраст.

Тој финалната трка на 100 метри на ЛОИ во Мексико 1968 ја заврши за 9,95 секунди. На Олимпискиот стадион најпрви беше прикажано време од 9,9, потоа беше корегирано во 9,89, за да конечно официјалното време на победата биде 9,95 секунди.

„Го корегираа времето, го премеруваа и ја прегледуваа трката затоа што не можеа да веруваат дека човек може така брзо да трча“ – рече Хајнс во интервју за „Л’Екип“ во 2016 година.

Тоа време беше светски рекорд во следните 15 години, се додека Калвин Смит не го собори во 1983 година трчајќи за 9,93 секунди.

Актуелниот светски рекорд на 100 метри сега е 9,58 секунди во сопственост на Усеин Болт.

Интересно, Џим Хајнс во Мексико освои уште и злато со американската штафета на 4х100 метри, и тоа беше се од него во атлетиката затоа што на 22 години се откажа од атлетика и продолжи со кариера во американски фудбал.

Се вчитува...