Почина тренерот на Црвена Звезда со кого Панчев и Најдоски го освоија светот

На 85-годишна возраст денеска во Белград почина српскиот стратег Владица Поповиќ, тренерот на Црвена звезда со кого „црвено-белите“ во 1991 година во Токио го освоија Интерконтиненталниот клупски куп со победата од 3-0 против Коло Коло.

Поповиќ го предводеше тимот во чии редови беа и македонските легенди Дарко Панчев и Илија Најдоски, кои стигнаа до светскиот врв.

Како играч Поповиќ петпати беше шампион на Југославија со „црвено-белите“, а се закити и со една титула како тренер. За Црвена звезда настапуваше од 1953 до 1965 година, со 499 настапи петти на вечната листа во тој клуб по бројот на одиграни натпревари. Во кариерата ги бранеше уште боите на германскиот Штутгарт и Депортиво Канаријас од Венецуела каде и ја заврши професионалната играчка кариера. Запиша и 20 натпревари за репрезентацијата на Југославија, играјќи на Светското првенство во Чиле каде стигна до четвртото место. На Олимписките игри во Мелбурн 1956 година со Југославија дојде до сребрениот медал.

Тренерската кариера ја започна во Боливија, а во Колумбија беше првак со Санта Фе и Депортиво Кали. Беше првиот и единствениот странски тренер кој тој трофеј го освојуваше со два клуба. Беше и селектор Перу на „Копа Америка“ во 1993 година.

Се вчитува...