Почнува СП во атлетика, многу ѕвезди на едно место, Македонија со еден претставник

Во американската колевка на атлетиката, Јуџин денеска почнува Светското првенство во атлетика, кое на програмата ќе биде се до 24. јули. Голем број на атлетски ѕвезди ќе се обидат да стигнат до вечноста во „кралицата на спортовите“.

Поради инвазијата на Русија над Украина, руските спортисти нема да бидат дел од ова натпреварување, но ако се иземе неучеството на Марија Ласитскене во скок во височина, шампионатот и нема да изгуби нешто многу поради тоа.

Илејн Томпсон Хера и Шели Ен Фрејзер Прајс ќе имаат голем дуел на трката на 100 метри во женска конкуренција, која би требало да биде една од највозбудливите дисциплини на Мундијалот. Сидни Меклафлин на 400 метри со пречки ќе се обиде повторно да го подобри светскиот рекорд, откако годинава на американските квалификации го подобри најдоброто време во историјата кое беше во нејзина сопственост од игрите во Токио минатата година. Во машка конкуренција на 400 со пречки, светскиот рекордер и олимписки шампион Карстен Вархолм ќе се обиде да ја зачува доминацијата, иако годинава нема настап на ниту една трка.

Интересно се очекува да биде и во фрлање ѓуле каде што убедливо прв фаворит е Рајан Краузер кој пред домашната публика ќе се обиде да го подобри светскиот рекорд кој што е во негова сопственост. Со нетрпение се очекува и машкиот скок со стап и неверојатниот Арманд Дуплантис кој единствена борба ќе има со летвичката, како и женската скок во височина каде чудото од дете Јарослава Махучик ќе се обиде да стигне колку што е можно поблиску до скокот на легендарната Стефка Костадинова.

Македонија на овој шампионат повторно ќе има за жал само еден претставник во името на Адријана Поп-Арсова која ќе настапи на трката во маратон.

Се вчитува...