Почнува вистинската драма во Русија: Мбапе или Суарез, Нејмар или Азар!?

Со првите четвртфинални дуели почнува вистинската драма на Мундијалот 2018 во Русија. За почеток, спектакл кој треба да го сервираат Уругвај и Франција од 16 часот, а потоа од 20 часот и пресметката Бразил – Белгија.

Откако Уругвај и Франција ги елиминираа Португалија односно Аргентина сега е време за меѓусебен дуел. Во осминафиналето од двете селекции се издвоија Килијан Мбапе и Единсон Кавани. Но, за жал, овој вториот најверојатно нема да биде подготвен за четвртфиналето откако се повреди против Португалците на 15 минути пред крајот на мечот.

Отсуството на Кавани сигурно ќе биде сериозен хендикеп за Уругвај, но во нападот е уште една голема ѕвезда кон кого ќе бидат насочени погледите – Луис Суарез…

„Уругвај може. Подготвени за уште една радост за целата нација“ – порача Суарез.

Од друга страна, селекторот на „триколорите“, Дидие Дешамп нема да смета на Матуиди кој има парен број жолти картони.

Вечерва, од 20 часот, пак, се чини ќе биде финале пред финалето… Мечот меѓу Бразил и Белгија. Две репрезентации кои многумина пред почетокот на СП ги сместуваа како главни фаворити за освојување на трофејот.

Белгијците се единствените, заедно со Уругвај, кои во досегашниот дел од шампионатот имаат само победи. Бразил има и едно реми, она од првото коло во натпреварите по групи против Швајцарија. Кај „кариоките“ вечерва ќе ги нема Даглас Коста и Данило, додека Кашемиро има парни жолти картони…

Но, како што нагласуваат од таборот на Бразил, кога го имаат Нејмар се друго е помалку важно…

„Не верувам дека јас ќе го одлучам мечот со Белгија, затоа што не верувам дека еден тим зависи само од еден поединец. Бразил има голем број одлични фудбалери. Ние сме тим. Кога победуваме, победуваме заедно. Верувам дека ќе биде и во четвртфиналето против Белгија“ – вели Нејмар.

Се вчитува...