Подмладена и преполовена – Шведска ја преслуша Франција за финале на СП 2021

Шведска е првиот финалист на ракометниот мундијал во Египет откако скандинавската селекција во одличен меч ја совлада Франција со 32-26. Швеѓаните допатуваа на овој шампионат со сериозни проблеми со ростерот, без дури деветмина стандардни ракометари, но „сино-жолтите“ играат извонредно цел мундијал, темпирајќи ја беспрекорно формата за нокаут завршницата. По убедливиот триумф над Катар во четвртфиналето, шведските ракометари вечерва беа подобри и од Франција, диктирајќи го темпото од почеток до крајот и заслужено стигнувајќи до билет во големото финале.

Швеѓаните подобро го отворија мечот, набрзина поведувајќи со два гола разлика (1-3, 2-4, 3-5). Франција за момент се консолидираше, поведувајќи за момент со 7-6, прво и единствено водство на „триколорите“ во ова полуфинале. Шведска одговори на вистински начин, со серија од четири гола стигна до предност од 10-7, по што скандинавските ракометари го контролираа резултатот до крајот на полувремето, на одмор заминувајќи со 16-13 по извонредната интервенција на Паличка при зицерот на Порт.

Се што успеаја да сторат француските ракометари во вториот дел беше намалување на 17-16, но следеше нова серија од три гола на шведските ракометари, кои стигнаа до удобна предност. Подмладениот француски состав не го издржа притисокот, се почесто грешеше во нападот, a Швеѓаните знаеја како да го искористат тоа, приведувајќи го мечот до крај и конечна победа од 32-26.

Левото крило Ване одигра извонреден натпревар и со единаесет гола ја предводеше Шведска во овој триумф, шест погодоци за победничката селекција постигна Петерсон, додека најефикасни кај Франција беа Деска со пет и Ремили со четири погодоци.

Во второто полуфинале вечерва в0 20.30 часот ќе се сретнат Данска и Шпанија.

Се вчитува...