ПОГЛЕД ОД СТРАНА: Зошто Македонија не ги препознава сопствените а светски спортски иновации!?

ПИШУВА: Драган Томовски

Уште една колумна на еден од најистакнатите домашни фудбалски аналитичари, кој пренесувајќи ги актуелните глобални но и домашни фудбалски текови, овој пат со еден извадок од својата книга, која е во подготовка, а која според првично виденото, без сомнение, ќе биде една од најатрактивните спортски содржини која се очекува да предизвика и тоа како силно внимание во домашната спортска, но и пошироко општествена, јавност.

==============================================================

Ова не е текст за Владимир Богоевски, Марјан Начевски или Драган Томовски. Ова е текст за односот на Македонија кон сопствените идеи кога тие ќе добијат светска димензија.

Пред неколку дена имав чест да присуствувам на промоцијата на книгата за Владимир Богоевски, „Секогаш на врвот“ напишана од Златко Калински.

За многумина тоа беше уште една промоција на книга. За мене беше повод повторно да си поставам едно прашање кое ме следи со децении: Зошто Македонија толку ретко ги препознава, вреднува и афирмира сопствените идеи, иновации и автори?

Во својата книга Владимир Богоевски опишува дел од идеите и иницијативите со кои оставил трага во светската одбојка. Но она што мене особено ми привлече внимание е фактот што дел од тие достигнувања морал самиот да ги документира и да ги остави запишани како трајно сведоштво.

Не затоа што не биле важни. Не затоа што не биле применети. Туку затоа што очигледно не постоел систем кој навремено ќе ги препознае, верификува и афирмира.

ПРЕДЛОГОТ И ИДЕЈАТА НА МАРЈАН НАЧЕВСКИ СЕГА СЕ ДЕЛ ОД РАКОМЕТНАТА ИГРА

Сличен е случајот и со Марјан Начевски. Македонски судија кој остави сериозна трага во светскиот ракомет и учествуваше во процесите на модернизација и унапредување на судењето.

На Семинарот за нови правила во ракометот 2001 год во Линдебрун – Австрија, кога се менуваше правилото за почетно фрлање во ракометот (да се изведува од центарот, со стриктно газење на средишната линија на означениот крст со трака 10см х 10см на центарот, да треба да го назгази играчот кој го изведува почетното фрлање тој крст, па судијата тек тогаш да му даде знак за изведување на фрлањето, Марјан предлагаше упорно три дена на семинарот со образложенија дека тоа не е добро за ракомететот, бидејќи играчите треба да бидат во центарот на вниманието, а не судиите. Дека судиите се најдобри кога ќе бидат најнезабележителни. Со ова ново правило, ќе треба судиите да бидат во центарот на вниманието, А НЕ ИГРАЧИТЕ, бидејќи ќе треба да ги корегираат играчите на речиси секое брзо изведено почетно фрлање (бидејќи ќе биде неправилно изведено, а со тоа ќе се успори играта).

Марјан предложи почетното фрлање да се изведува од кругот на рекламата на центарот (advertising). Тогаш тоа не беше прифатено, да после 24 години се прифати тој предлог и како што е денес, почетното фрлање да се изведува од кругот на рекламата, каде евидентно играта е многу побрза и по атрактивна. Исто даде и друг предлог кој до ден денес не му е прифатен, но се надева во блиска иднина и тој предлог за ограничување на времето на траење на нападот во ракометот. Да не одлучуваат судиите субјективно кога ќе подигнат знак за пасивна игра, туку како во кошарката време траењето на нападот и во ракомет да биде ограничено со време од 35/40 секунди.

Во сите овие случаи не станува збор само за поединци. Станува збор за македонски идеи. Македонски автори. Македонски интелектуален потенцијал.

Без разлика дали зборуваме за одбојка, ракомет или фудбал, заедничко е едно: Сите тие идеи потекнуваат од Македонија.

А токму тука почнува проблемот. Во свет во кој спортот го следат милијарди луѓе, овие информации практично не постојат ниту во нашата национална меморија, ниту во институционалната евиденција.

Само фудбалот денес го следат повеќе од четири милијарди луѓе. Одбојката е еден од најмасовните спортови во светот. Ракометот има огромно влијание на повеќе континенти.

Кога македонска идеја ќе остави трага во такви спортови, тоа повеќе не е личен успех. Тоа е дел од националниот интелектуален капитал.

Ако со право се гордееме со олимписки медали, европски титули и спортски победи, тогаш зошто не се гордееме и со идеите кои Македонија му ги понудила на светскиот спорт?

ДОСТАВЕНИОТ МАКЕДОНСКИ ПРЕДЛОГ ДО ФИФА ВО 2002 ГОДИНА – СЕГА ВЕЌЕ ИМПЛЕМЕНТИРАН

Во мојот случај постојат повеќе иницијативи и проекти поврзани со развојот на фудбалот (Балканска лига, регионализација на европските клупски натпреварувања, системот Added Time, патентот за судење и други), но денес ќе издвојам само еден пример.

Не затоа што е најважен. Туку затоа што денес целиот свет внимателно го следи.

Во 2002 година до ФИФА доставив предлог и техничко решение кое предвидуваше гледачите на стадионите и телевизиската публика директно да бидат информирани за судиските одлуки и причините за нивното донесување.

Оригиналот од официјално доставениот предлог на Драган Томовски до ФИФА кој денес е имплементиран во судиските правила

Во тоа време таквата идеја звучеше речиси футуристички. Денес милиони гледачи со огромно внимание го следат моментот кога судијата по ВАР-интервенција се обраќа преку разгласот и јавно ја објаснува својата одлука.

Токму тие неколку секунди денес се меѓу најатрактивните моменти во современиот фудбал. Не поради технологијата. Туку поради чувството на транспарентност. Поради довербата. Поради директната комуникација помеѓу судијата и јавноста.

Не тврдам дека светскиот фудбал ја презел мојата идеја. Но постои материјален доказ дека ваков концепт бил официјално доставен до ФИФА уште во 2002 година, повеќе од две децении пред неговата денешна примена.

Интересно е што во истиот материјал беше предложена и директна комуникација помеѓу главниот судија и неговите помошници преку технички средства, решение кое десетина години подоцна стана составен дел од врвниот светски фудбал.

КАДЕ Е ДРЖАВАТА? КАДЕ СЕ ИНСТИТУЦИИТЕ?

Прашањето, меѓутоа, не е дали некоја идеја била на Богоевски, Начевски или Томовски.

Прашањето е: Каде е државата? Каде се институциите? Каде е системот кој треба да ги препознае, документира, анализира и афирмира ваквите достигнувања?

Толку ли многу работи имаме со кои можеме да се пофалиме како држава, па овие достигнувања не заслужуваат ниту минимално внимание? Толку ли е неважно кога македонска идеја ќе остави трага во спорт кој го следат милијарди луѓе?

Во последните години постојат и официјални меѓународни системи за мерење на иновативноста на државите. Според Global Innovation Index, Македонија е рангирана околу 63 место во светот. Србија е подобро позиционирана. Бугарија уште повеќе. Слични показатели покажуваат и европските анализи за иновации.

Тоа не значи дека Македонија нема талент. Можеби значи нешто многу полошо. Дека не знаеме како да го препознаеме и искористиме. Дека произведуваме повеќе идеи отколку што претвораме во национална вредност. Дека полесно препознаваме туѓ авторитет отколку сопствена идеја.

Затоа неодамна беше доставена иницијатива до Македонскиот олимписки комитет за организирање јавна трибина посветена на спортските иновации и местото на Македонија во нивното создавање.

Не поради лични признанија. Не поради суети. Не поради минатото. Туку поради иднината. Затоа што држава која не ги препознава сопствените идеи, порано или подоцна ќе биде принудена да ги увезува туѓите. А држава која не го вреднува сопствениот интелектуален потенцијал, тешко може да стане лидер во која било област.

Промоцијата на книгата на Владимир Богоевски повторно ме потсети токму на тоа. Дека понекогаш една книга не зборува само за својот автор. Туку и за државата во која живее. И за прашањата на кои таа држава сè уште нема дадено одговор.

Се вчитува...