Походот кон тронот на Европа на „вардарки“ повторно почнува со ФТЦ Будимпешта

Ракометарките на Вардар со денешниот дуел на домашен терен против ФТЦ Будимпешта (19 часот, СЦ „Јане Сандански“) ја стартуваат новата сезона од Лигата на шампионите. Целта е иста како и во претходните години – „црвено-црните“ конечно да се искачат на врвот на ракометна Европа, по рецептот на нивните колеги од машкиот тим. По поразите во низа во полуфиналето, Вардар минатата сезона конечно стигна до големото финале, каде по голема битка беше поразен од Ѓер.

Тој пораз сега е само мотив повеќе за „црвено-црните“, кои го задржаа костурот на тимот и дополнително се засилија со неколку ракометарки, во новата сезона да направат чекор напред и конечно да стигнат до титулата. Идентично како и лани, македонските шампионки својот атак на круната го стартуваат со домашен меч против ФТЦ Будимпешта. На 14 октомври 2016 година овој противник успеа да остане непоразен во Скопје (27-27), меч што се покажа кобен за Индира Кастратовиќ, која потоа доби отказ од тренерската функција. „Вардаарци“ еден месец подоцна среде Будимпешта го декласираа истиот ривал со 24-37, што е доказ дека квалитетот е на страната на македонскиот првак, но тоа ќе мора да биде потврдено и на теренот.

„Зад нас е долг период на тренинг и напорен труд. Тешко е да тренирате секој ден, а да знаете дека ќе го одиграте првиот официјален натпревар дури по два месеци. ФТЦ ни зема бод минатата сезона на домашен терен, сега повторно играме на почетокот против нив. Ќе биде психички тешко да се надигруваме поради значењето на првиот натпревар. Но, наша цел е да направиме чекор напред од она што го постигнавме минатата година. Мора да одиме чекор по чекор, само со добар пристап и цврста одбрана може да се надеваме дека нема повторно да имаме проблем против силниот ФТЦ“ – истакна Јованка Радичевиќ.

Се вчитува...