Полувреме: Хрватска се врати по „бомбата“ на Черишев

Русија и Хрватска играаат 1-1 по првото полувреме од последниот четвртфинален дуел на овој светски шампионат. Овие 45 минути ќе останат запаметени по фантастичниот погодок на Черишев за водство на Русија од 1-0, по што „коцкестите“ сепак успеаја да израмнат преку Крамариќ во 39. минута.

Русите го почнаа мечот со добар пресинг во првите пет-шест минути, но потоа се повлекоа и трпеливо ја чекаа својата шанса. Хрватските фудбалери имаа неколку непрецизни обиди од добри ситуации (Ребиќ со глава, Манџукиќ со нога од десетина метри), но не успеаја да го погодат голот на Акинфеев.

Мечот загуби на темпо, за во 31. минута да следи експлозија од воодушевување кај домашните навивачи. Черишев беше во главна улога, постигнувајќи фантастичен гол од над дваесет метри крај немоќниот Субашиќ. Јасно беше дека Хрватска уште повеќе ќе притисне, а таквиот пристап вроди со плод осум минути подоцна, Манџукиќ втрча во шеснаесетникот од левата страна и нафрли до Крамариќ, кој со глава го матираше рускиот голман.

Влогот е огромен, па двете селекции ќе сторат се за да стигнат до полуфиналето, а до крајот на овој меч можеме да очекуваме уште многу возбудувања.

Се вчитува...