Полувреме: Почнавме одлично, па Франција заиграа сериозно – со „минус четири“ на одмор

ЕКИПА во Дизелдорф,

Стеван Цаневски

Македонската репрезентација има четири гола негатива по првото полувреме од дуелот со Франција, во првото коло од ЕП 2024. Нашите ракометари одиграа извонредно во првите петнаесетина минути, не реализиравме и напад за „плус три“, по што класата на Французите можевме да ја видиме на дело, па големиот фаворит го сврте резултатот во своја полза и има солидна предност на паузата од овој натпревар.

Македонија го имаше првиот напад, а Лазаров се реши за почетен состав Велковски, Талески и Џонов како бекови, Пешевски на пивот и Атанасијевиќ и Ненад Костески како крила, со Никола Митревски очекувано како прв голман. Талески го отвори резултатот за почетно водство на нашата селекција од 1-0. Французите набрзина направија пресврт за 2-1, но Џонов одговори со својот прв гол на европските шампионати (2-2).

Фаворитот со леснотија наоѓаше одговор за нашата одбрана, па по пет минути игра резултатот гласеше 2-4 за Франција. Нашите ракометари не се предадоа, па со вторите погодоци на Талески и Џонов стигнаа и до израмнување од 4-4. „Црвено-жолтите“ продолжија со добра игра, па во 9. минута преку Костески на асистенција на Џонов стигнаа и до ново водство (6-5). При 7-6 Талески беше блокиран при наш напад за „плус два“, по што Мем со два брзи гола донесе пресврт и ново водство на Франција. Во нападот почнавме да играме „седум на шест“, па Пешевски донесе ново водство (9-8). Митревски бранеше извонредно на нашиот гол, а Кузмановски најпрвин погоди за наше водство о 10-8, за триесетина секунди подоцна да промаши и зицер за „плус три“.

Францускиот селектор побара тајмаут, а потоа „триколорите“ за една минута епскресно израмнија на 10-10. Лазаров во 19. минута ги уфрли Митев, Лазаревски и Никола Костески, во нападот се вративме на „шест на шест“, но во меѓувреме се разбрани противничкиот голман Десбоне, па ФРанцузите поведоа со 10-12. Серијата на противникот ја прекина Џонов со гол од крило, но Французите веќе влегоа во својот ритам, од цврста одбрана постигнуваа лесни голови на спротивната страна, па во 24. минута Лазаров побара тајмаут при резултат 11-14.

Митев погоди во првиот напад по тајмаутот, но падот на концентрацијата во самиот финиш придонесе на одмор да заминеме со четири гола негатива (13-17), по цепелинот што во последните секунди го реализираше Ричардсон.

Џонов со четири гола е најефикасен во нашиот табор, Кузмановски има три, а Талески и Пешевски по два гола за нашиот национален тим.

Се вчитува...