Поранешниот англиски шампион Лестер Сити би можел да добие нови сопственици, откако актуелните тајландски сопственици, семејството Сриваданапрабха, наводно го понудиле клубот на продажба. Информацијата ја пренесуваат британските медиуми, повикувајќи се на Би-Би-Си.
Според информациите, сопствениците на „лисиците“ ангажирале американска инвестициска банка, која треба да помогне во пронаоѓањето потенцијален купувач.
Лестер е проценет на околу 200 милиони фунти, односно приближно 234 милиони евра. Клубот е во сопственост на семејството Сриваданапрабха повеќе од 15 години, откако „Кинг Пауер“ го презеде во 2010 година за 35 милиони фунти.
Само шест години подоцна Лестер приреди една од најголемите сензации во историјата на англискиот фудбал, освојувајќи ја Премиер лигата во сезоната 2015/16, предводен од ѕвездите Џејми Варди и Ријад Марез.
Клубот во 2021 година го освои и ФА Купот, но потоа следуваше сериозен пад. Лестер двапати испаѓаше од Премиер лигата, а по второто испаѓање сега ќе настапува во Лига 1, третиот ранг на англискиот фудбал.
Доколку продажбата биде реализирана, тоа би означило крај на една повеќе од 15 години долга ера на семејството Сриваданапрабха во клубот, кој сега ќе се обиде преку нова сопственичка структура да се врати на патеките на старите успеси.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
