Еурофарм Пелистер не успеа да се пласира во четвртфиналето од Лигата на Европа откако македонскиот вицепрвак беше поразен и на вториот дуел со Магдебург, овојпат на гостински терен во Германија со резултат 35-24. Прашањето на патникот во следната рунда беше решено уште во Битола, каде Германците триумфираа со „плус осум“, па денешниот реванш беше само рутина во која фаворитот стигна до лесна победа.
Македонскиот претставник преку Периќ поведе со 1-2 во раната фаза од натпреварот, што се покажа како единствено водство на битолчани на овој меч. Магдебург набрзина направи пресврт, домашните ракометари предводени од Безјак и од О’Саливен стигнаа до водство од три гола. Слично како и на првиот меч, нападот беше крајно неефикасен и во ова прво полувреме од реваншот, Еурофарм Пелистер постигна само девет гола (пет од нив Мандалиниќ) и на одмор замина со негатива од пет погодоци (14-9).
Вториот дел почна со погодок на Кукуловски, но доминацијата на Магдебург да теренот продолжи и во текот на ова полувреме. Германците не само што не дозволија камбек, туку набрзина ја зголемија и позитивата на седум гола (21-14). Финишот мина во ефикасна игра на двете страни, во последните минути домаќините влегоа во нова серија, за овој натпревар да заврши со нов убедлив триумф на германскиот состав, овојпат изразен со конечни 35-24.
Стипе Мандалиниќ со седум гола беше прв стрелец на Еурофарм Пелистер, пет постигна Маџовски, а трипати прецизен беше Граџан. Клуге со седум и Штајнерт со пет погодоци беа најефикасни во редовите на Магдебург.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА