Пред финалето: Шкендија сака одбрана на куп-пехарот, Пелистер чека 16 години за реприза

За кого ќе биде среќна Струмица? Шкендија посакува да ја заврпи сезоната барем со еден трофеј и да ја спаси сезоната, откако најави огромни амбиции, а не успеа да ја исполни главната, во трката за шампионската титула. Дали пехарот од Купот на Македонија може да биде добра утеха? Со нов тренер, и со релативно променет состав на полусезона, според германска замисла која веќе се покажа како недобитна за шампионската круна, Ерхан Селими и фудбалерите ќе се обидат да го одбранат куп – трофејот.

„Можеби сме фаворити, но само на хартија. Пелистер е квалитетен тим, има цврста одбрана и искусни фудбалери кои сигурно ќе сакаат да го освојат трофејот. Но, ние исто така посакуваме барем еден пехар оваа сезона и ќе сториме се за да го освоиме“, најави сегашниот прв стратег на Шкендија, Ерхан Селими.

Тој го има во својот состав можеби најквалитетниот напад во лигата, располага со Бесарт Ибраими, Ферхан Хасани, Бесарт Абдурахими, Стенио Жуниор, Дино Меѓедовиќ…

skendija i pelister

Но, и Пелистер има свои желби и своја математика. Желбата за нов трофеј копнее веќе 16 години, а стратегијата е јасна. Одбраната на Наџи Шенсои треба да го неутрализира атомскиот напад на Шкендија. Искуството е на страна на „зелените“, а во нивниот напад е и Баже Илијоски, кој и тоа како знае да освојува куп – трофеи. Ги има четири во својата колекција, ќе го напаѓа денеска во Струмица – петтиот.

„Не очекува една гладијаторска битка, тоа е јасно. И ќе им ја понудиме и на гледачите, на нашите верни фанови, но и на противникот. Мотивите се огромни, цела Битола од нас очекува да го дадеме максимумот и да го освоиме тој толку посакуван куп-пехар. Верувам дека имаме шанси, иако против себе ќе имаме еден голем тим“, истакнува Наџи Шенсои, предводникот на Пелистер.

Јубилејното 25.издание на Купот на Македонија ќе се одигра денеска, со почеток во 17 часот, на стадионот „Младост“ во Струмица. И двете екипи го напаѓаат пехарот со намера да го грабнат по вторпат. Шкендија знае како е тоа од лани, а Пелистер се сеќава…од пред 16 години.

Се вчитува...