Пресврт: Кастратовиќ останува на чело на Металург

Зоран Кастратовиќ ќе продолжи да го води тимот на Металург и во наредниот период, откако понудената оставка на искусниот стратег не беше прифатена од страна на раководството на клубот од „Автокоманда“. Тој вчера најави заминување незадоволен од играта и залагањето на дел од ракометарите. Сепак, управата предводена од газдата Минчо Јорданов реши да застане на страна на тренерот во однос на играчите, одбивајќи ја неговата оставка.

„Зоран Кастратовиќ ќе продолжи да работи како прв тренер на нашата екипа. Неговата оставка беше дадена во моменти на нервоза што се сосема разбирливи, но ние немаме сомнеж дека тој е најдобра опција за тренер на Металург. Продолжуваме со подготовки за важниот натпревар против Горење во рамките од ЕХФ-Купот“ – потврдија од раководството на Металург.

Воедно, „металурзите“ најавуваат и дека ќе се бара многу поголема дисциплина од ракометарите во наредниот период.

„Немаме намера повеќе да толерираме било каква недисциплина или доцнење, без разлика дали станува збор за репрезентативци или не. Правилата ќе мора да се почитуваат, во спротивно ќе следат жестоки санкции, но и награди за оние кои ќе го даваат максимумот бранејќи ги боите на нашиот клуб“ – порачуваат челниците на РК Металург.

Се вчитува...