Милош Теодосиќ и во наредната сезона ќе го носи дресот на ЛА клиперс откако управата на овој клуб реши да не го раскине договорот со српскиот плејмејкер. Клиперси имаат можност да го сторат тоа најдоцна до 14 јули и да му платат на Србинот „само“ 2,1 милиони долари, наместо загарантираните 6,3 милиони што би ги имал доколку ја мине сезоната во Лос Анџелес.
Тоа беше реална опција во обид да се спуштат трошоците на клубот и да се запази границата за „селари-кап“, за да не биде плаќан дополнителен данок на луксуз. Сепак, последните случувања во клубот и заминувањето на првата ѕвезда ДиАндре Џордан ги промени плановите на клиперси, кои сега донесоа одлука да го задржат европскиот ас во своите редови.
Со тоа, Теодосиќ ќе има можност да ги покаже своите квалитети на американската сцена доколку има повеќе среќа со повредите. Тој поради најразлични повреди пропушти речиси половина од ланската сезона, а неговото влијание врз игрите и резултатите е очигледно – ЛА клиперс имаат скор од 29-16 кога Теодосиќ е во тимот, а само 13-24 кога тој не беше способен за настап.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА