Прибак: Со Раул ќе победуваме и подобри селекции од нас

Немања Прибак поради повреда нема да настапи на денешниот дуел со Саудиска Арабија и утрешната пресметка со Србија, но се очекува овој искусен ракометар да се рехабилитира навреме за настап на претстојното ЕП во Хрватска. По пауза од повеќе од една година тој повторно би го облекол репрезентативниот дрес, откако доби повика за такво нешто од Раул Гонзалес, стратегот со кого имаше беспрекорна соработка и во Вардар.

Раул почнува и во репрезентацијата да гради еден систем што го има и во Вардар. Тоа е одлично, а единствената работа што не е добра е што за имплементација на тој систем е потребно време, а реално се бара резултат и победа веднаш. Се сеќавам дека со Вардар губевме во СЕХА дома од Војводина, имавме уште неколку „киксеви“, токму поради тоа што беше потребно време за сите коцки да се склопат. Е сега, кога ќе се склопат, тогаш тимот на Раул може да игра со секого и да победи секого. Сето тоа е многу добро за младите македонски играчи како Талески, Кузмановски… кои сигурно ќе напреднат уште повеќе под негово водство. Мислам дека за една до две години Македонија ќе игра на највисоко можно ниво, што на крајот е и конечната цел на Раул. Ние и сега играме добро против репрезентации од наш ранг, но со Раул за селектор целта е да победуваме и селекции подобри од нас и верувам дека тоа ќе се случи“ – вели Прибак.

rakometna rep. na makedonija -trenig (8)

Во период во кој Гонзалес добива комплименти од сите страни, членот на Бешикташ посочува што го прави Шпанецот толку посебен тренер.

Раул е тренер што го направи ракометот многу поедноставна игра. Не прави ништо компликувано, во принцип работите кои ги прави се логични и лесно прифатливи. Згора на тоа е позитивен карактер, лесно гради добар однос со играчите, кои потоа имаат и огромна доверба во него. За разлика од многу тренери, тој не само што знае многу ракомет, туку има и искрен пристап, па токму на тој начин го гради својот авторитет. Раул Гонзалес  не вика по ракометарите, не казнува, не прави такви глупости, се приближува до ракометарите и потоа знае како да го извлече најдоброто од нив“ – објаснува поранешниот „вардарец“.

Јасно е дека примарна цел е пласман во втората рунда, за што барем на хартија неопходно е да се победи селекцијата на Црна Гора.

Целта наречена втор круг е реална, многу извесно е дека ќе ја добиеме Црна Гора и ќе е пласираме во следната фаза, но таму најверојатно ќе не чекаат Данска, Шпанија и Унгарија. Тоа се репрезентации што се посилни од нас, мораме да бидеме многу паметни, секој од нас да даде 100% од себе, и тој како тренер и ние како играчи за да направиме добар резултат. Мој став е дека оваа репрезентација на Македонија може да игра со сите, има многу фактори кои влијаат на исходот на големите натпреварувања. Реално е да ја добиеме Црна Гора, реално е да се бориме со сите, најважно е да не им дозволуваме на противниците да се одлепат, туку средбите да ги решаваме во последните десет минути, против оние фаворити за највисок пласман“ – истакнува Прибак.

rakomet trening 6

Кога станува збор за битката за златниот медал, тука Немања има еден голем фаворит.

Од првиот ден кога Хрватска беше избрана за домаќин јас реков дека тие се главни фаворити за титулата. Прва работа е што исклучително ги почитувам поради фактот дека ниту една помала земја не направила такво нешто како Хрватите во последните петнаесетина години, со своите олимписки и светски круни. На нив гледам како на први фаворити бидејќи Лино Червар е тренер што знае да ги мотивира, а ќе ја имаат и поддршката од публиката, што е многу важна работа. Кога Србија пред шест години стигна до финалето на домашен терен, нема зошто Хрватска да не го стори истото тоа годинава и да атакува на златото. Во ист ранг би ги сместил и Данска, Германија, Шпанија, па и Словенија со поддршката од навивачите, селекции кои имаат големи шанси за златото“ – вели македонскиот репрезентативец.

Изненадувачки, на неговата листа на фаворити го нема актуелниот светски првак Франција.

Не гледам на Франција како на фаворит за највисок пласман бидејќи оваа селекција веќе не делува така страшно како до пред неколку години, без оглед на титулата освоена лани на домашен терен. Тие се во фаза на смена на генерации, имаат страшен ростер, но имаат и доста проблеми со повредите. Друга работа е што Французите неверојатно ја темпираат формата за Олимписките игри. Како го прават тоа навистина не знам, но кога ќе дојдат ОИ „триколорите“ играат неверојатно, а се во меѓувреме е подготовка за тој настап. Ова е почеток на нов олимписки циклус и затоа верувам дека нема да се искачат на тронот во Хрватска“ – прогнозира Немања Прибак.

Се вчитува...