ПРИЈАТЕЛСКИ НАТПРЕВАРИ: Работнички подобар од Вардар, Шкупи убедлив со литвански Жалгирис

Прволигашот Работнички славеше во пријателски натпревар против градскиот ривал и најтрофеен македонски фудбалски клуб Вардар со 2-0. „Романтичарите“ славеа во последната контрола пред продолжение на сезоната во ПМФЛ против големиот ривал кој ги живее најтешките години во своето постоење и веќе втора година по ред е во Втората лига, а и покрај одличниот есенски дел од шампионатот, повторно под знак прашање е неговото враќање во елитата поради нови финансиски проблеми и егзодус на играчите кои беа главен двигател во првиот дел.

Тимот од Дебар маало поведе со 1-0 во судиското надополнување во првиот дел со голот на Гандо Биала, додека конечните 2-0 ги постави Филип Тодороски во 68. минута.

Актуелниот македонски шампион Шкупи на последниот контролен натпревар во Анталија славеше против литванскиот Жалгирис со убедливи 4-0. Тиквеш го доби Пелистер со 2-1, додека Охрид беше убедлив против Новаци со 5-1. Беса беше убедлива против Тетекс со 5-1, додека Арсими и Локомотива одиграа без победник 3-3.

Се вчитува...