Приведени 18 лица поради нередите на ракометното дерби

Министерството за внатрешни работи се огласи по повод вчерашните инциденти на ракометното дерби во СЦ Јане Сандански меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер.

Во еден момент, додека навивачите на Пелистер влегуваа во салата, настана општ хаос во салата. Фановите на битолскиот клуб почнаа со факели да фрлаат кон трибината каде што беа неутралните гледачи, а потоа навивачите на Вардар влегоа на теренот.

Натпреварот по краткиот прекин продолжи, а потоа следуваа вербални пресметки меѓу двете навивачи групи.

„На 26.03.2023 полициски службеници приведоа 18 лица во врска со нарушување на јавниот ред и мир на натпреварот Вардар-Еурофарм Пелистер во салата „Јане Сандански“ во Скопје. Известен е јавен обвинител и се преземаат дополнителни мерки и активности за расчистување на случајот по закон за спречување насилство на спортски натпревари. Во врска со овој настан, денеска во полициска станица  дополнително ќе бидат повикани уште 6 идентификувани лица кои го прекршиле законот за спречување на насилство и недостојно однесување на спортски натпревари. Исто така, ќе биде повикано и одговорно лице од агенцијата која со своите редари била задолжена за редот во салата, а немала доволен број на редари.“, стои во соопштението на МВР.

Се вчитува...