Продолжен договорот со ФФМ: Милевски останува на чело на младата репрезентација

Еден од најуспешните македонски тренери во историјата, Благоја Милевски останува на чело на младата репрезентација на Македонија.

По завршувањето на неговиот договор овој месец со ФФМ, како што дознава ЕКИПА, двете страни се договориле за продолжување на соработката која наредниве денови се очекува да биде официјализирана од фудбалската федерација.

По успешниот изминат квалификациски циклус, во кој Македонија само поради промената на правилата за пласман на ЕП од страна на УЕФА во тек на самите квалификации не доби можност за место меѓу најдобрите на Стариот континент, одлучено е за продолжување на договорот со досегашниот селектор. Македонија во последните квалификации заврши на втората позиција во Групата 6 само зад европскиот шампион Шпанија, а пред репрезентациите на Израел, Црна Гора, Казахстан и Фарските острови.

Наредниот период младата селекција ја очекуваат подготовките за новиот квалификациски циклус за ЕП, кој стартува во септември. Македонија е во група со Франција, Србија, Украина, Ерменија и Фарските острови.

Се вчитува...