Продолжува драмата: „Викинзите“ се решени да го испратат дома и „Гордиот Албион“

Германија, Аргентина, Португалија, Шпанија, Бразил… се веќе дома! Водечки фаворити за освојување и на шампионската титула во Русија кои не успеаја да стигнат ниту до полуфиналето на собирот на најдобрите светски селекции.

А, драмата на Мундијалот 2018 продолжува и денеска. Од 16 часот во третото четвртфинале во Самара на „Космос арената“ на мегдан Шведска и Англија. Малкумина очекуваа дека „викинзите“ ќе стигнат до оваа фаза натпревари, но сега како што велат се решени уште еден фаворит да испратат дома.

„Покажавме во досегашниот дел од првенството дека не признаваме фаворити. Веруваме во нашите сили и така ќе играме и против Англија“ – порачаа од таборот на Швеѓаните.

Но, „Гордиот Албион“ е решен да не застане на зацртаниот пат на овој Мундијал се до финалето. Навивачите на Англија веруваат дека нивниот тим лесно ќе избори место во полуфиналето.

„На ова Светско првенство во Русија се покажа дека нема фаворити. Затоа и ние воопшто не се залетуваме дека ќе биде лесен натпревар со Шведска. Напротив, тоа е селекција која игра тимски, цврст фудбал со многу трчање. Ќе биде тешко, но секако посакуваме полуфинале“ – вели Хари Кејн.

Поради повреда Англичаните на денешниот натпревар нема да може да сметаат на Џејми Варди.

 

Се вчитува...