Пролет без мака го победи Пелистер

Ракометарите на Пролет лесно и убедливо славеа над Пелистер со резултат 36-26, во последниот суперлигашки натпревар за оваа календарска година. Првиот дуел меѓу овие два тима во Битола заврши без победник (23-23), но овојпат Пролет целосно го контролираше натпреварот и не им дозволи на гостите ниту на момент д се понадеваат на сличен исход.

Битолчани поведоа со 0-2 во раната фаза од мечот, но тоа беше се што успеаја да сторат на овој натпревар, Пролет набрзина дојде до водство од 3-2 и потоа не дозволи битолчани во ниту еден момент да дојдат до позитива. Мечот беше резултатски неизвесен само до 8-7, кога домашните ракометари постигнаа три гола, успеаја да се „одлепат“ и предводени од капитенот Ласко Андоновски да заминат на одмор со резултат 17-11. Свесни дека победата им е осигурана, тие рутински ги одиграа вторите 30 минути, на крајот заслужено триумфирајќи со конечни десет гола разлика.

Андоновски со осум гола беше прв стрелец на победничката екипа, шест постигна Џонов, додека најефикасен кај Пелистер беше Дарио Петровски со шест погодоци.

Се вчитува...