Пролет оди по нова победа, но нема да го потцени Работнички

Ракометарите на Тинекс Пролет одлично ја стартуваа сезоната во Супер-лигата, во почетните три кола бележејќи две победи (над Охрид и Металург2) и едно реми (со големиот фаворит Металург). Полни со самодоверба избраниците на тренерот Матлиески денеска во 19 часот ќе го пречекаат градскиот ривал Работнички, свесни дека иако важат за фаворити, оваа улога може да биде оправдана само ако се одигра максимално ангажирано во текот на сите 60 минути.

„Ремито со Металург беше добар резултат за нас, но таа игра ќе мораме да ја повториме доколку сакаме да стигнеме до нов триумф. Можеби на хартија важиме за фаворити, но Работнички е тим што никако не смее да биде потценет. Мораме да покажеме карактер, да одиграме максимално ангажирано од првата до последната минута бидејќи само таквиот пристап може да ни го донесе резултатот што го посакуваме. Работнички е екипа што има квалитетна прва постава, можеби нема преголема ротација, но секако е силна и може да изненади доколку биде потценета. Главна одлика им  е квалитетната агресивна одбрана, на која ќе мораме што побрзо да се адаптираме“ – вели пивотот на Пролет, Филип Василевски.

Четвртото коло од Супер-лигата беше отворено со вчерашното дерби во кое Металург го совлада Бутел со 26-25. Во останатите натпревари покрај дуелот Пролет – Работнички ќе се сретнат Охрид – Радовиш, Струга – Вардар Јуниор и Металург2 – Пелистер.

Се вчитува...