Пролет рутински против Вардар Јуниор

Тинекс Пролет лесно стигна до победа над тимот на Вардар Јуниор (37-21). Пласманот во плејофот е веќе осигуран, но тоа не им пречеше на ракометарите на Пролет да одиграат одличен натпревар, уште во првото полувреме да го решат победникот, а потоа и во вторите 30 минути да продолжат со силно темпо за кое противникот не најде одговор.

„Црвено-црните“ успеваа да одржат неизвесност само во првите десетина минути. Резултатот последен пат беше „тесен“ при 7-6, за Тинекс Пролет да постигне пет гола во серија и веќе во 18. минута да има двојно повеќе погодоци од противникот. Ангелов бранеше одлично на голот на домашниот состав, овозможувајќи на одмор да се замине со убедливи 18-11.

Матлиески извади дел од стандардните првотимци од игра, но предноста продолжи да расте како што одминуваше вториот дел. Младиот Кристо блескаше на голот, одлично заменувајќи го искусниот Ангелов, на спротивната сстрана беа постигнати низа лесни голови, па водството набрзина стана двоцифрено. Гостинскиот стратег немоќно побара тајмаут при 15 гола разлика (32-17), но налетите на Тинекс Пролет продолжија, одбраната игра на највисоко ниво до самиот крај, за убедлива победа изразена со конечните 37-21.

Џонов одигра уште еден одличен натпревар и со десет гола беше најефикасен, седум постигна Мартин Поповски, а пет пати прецизен беше Филип Василевски. Кај поразените Дамјан Јакимовиќ постигна пет гола. Во следното коло веќе в среда нашиот тим му гостува на Бутел, два тима што веќе го обезбедија учеството во плејофот.

Се вчитува...