Пролет со супериорно второ полувреме до триумф над Прилеп

Ракометарите на Пролет се осамени на првото место во плејаут лигата откако вечерва во клучниот меч за врвот славеа над Прилеп со резултат 23-21. Скопскиот клуб беше без триумф на трите овосезонски средби со Прилеп (две реми и еден пораз), а оваа „црна серија„ вечерва ја прекина пред се благодарение на извонредното второ полувреме во кое Тинекс Пролет направи целосен пресврт и стигна до заслужена победа.

Прилепчани имаат за што да жалат ако се знае дека имаа апсолутна доминција во првото полувреме, во кое поведоа со 3-6, а нешто подоцна имаа и најубедливи 5-10. Пролет се разбуди пред крајот на првото полувреме и намали на 10-12, како најава за извонредното второ полувреме што избраниците на Матлиески го отворија со серија од 6-0, целосно вртејќи го резултатот во своја полза. Прилеп се обиде да се врати, но домаќините делуваа моќно во одбраната во вториот дел, одлично ги затворија приодите кон сопствениот гол, со што си го трасираа патот до победата. Домаќините имаа предност од 20-13, победата беше осигурана, а падот на концентрацијата во финишот придонесе Прилеп да ја намали негативата и овој меч да заврши со триумф на Пролет од 23-21.

Капитенот Ласко Андоновски одигра одлично и со седум гола го предводеше победничкиот тим, шест постигна Стојановски, а четири Димковски. Шабановиќ со пет гола беше прв стрелец на Прилеп во овој пораз.

Се вчитува...