По претходните два пораз од ТФТ и од Пелистер, кошаркарите на Работнички во 3. коло ја запишаа и првата победа во новата сезона од Првата македонска кошаркарска лига. Тимот од Градски парк, сосема заслужено на домашен терен славеше против Тиквеш со 99-87.
Првата четвртина мина во израмнета игра на двата тима, со тоа што Работнички го доби првиот период со 24-22, како најава за посигурна игра во втората четвртина. Па, низ нешто поцврста игра во одбраната на полувремето домашните заминаа со предност од 51-44.
Второто полувреме почна со далеку подобра игра на гостите, кои успеаја да ги запрат нападите на домашните, па преку подобра одбрана ја анулираа предноста и во последниот период од играта се влезе израмнето со 67-67.
Но, последната четвртина комплетно му припадна на Работнички, со целосна доминација и на крај убедлива победа од 99-87.
Најдобар поединец кај Работнички беше Хатсон со 22 поени и осум скока, по 19 поени поени постигнаа Ефремовски и Ѓуровски, а 18 поени запиша Томпсон. Кај Тиквеш се издвоија Дес со 21 поен и Андерсон со 20 постигнати поени. Глигоријевиќ и Димитриев постигнаа по 12 поени, а Џексон заврши со 13 поени и шест асистенции.
Во драматичен меч во Гевгелија, Кожув благодарение на тројката на Парвис буквално во последната секунда дојде до победа над Гостивар од 73-72.
Во последните 30 секунди од мечот се влезе со предност на Гостивар од 70-71. Откако Кожув потоа не реализираше напад, на спротивната страна беа досудени две слободни фрлање за Карахоџиќ на три секунди до крајот. Но, Карахоџиќ искористи само едно, па останаа три секунди за напад на домашните. И, со звукот на сирената погоди Парвис тројка за победа на Кожув од 73-72.
Најефикасен кај Кожув беше Николас со 19 поени, дополнети и со седум скока, а 17 поени постигна Колев. Кај Гостивар, 21 поен постигна Абрам, а Карахоџиќ заврши со 20 поени и осум скока.
Со оваа победа, Кожув ја презеде лидерската позиција со две победи и еден пораз во првите три кола од шампионатот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА


























