Првата лига почнува на 7 октомври, Кожув се уште „виси“

Новата сезона во кошаркарскиот шампионат на Македонија ќе стартува на 7 октомври, а се уште е неизвесен бројот на екипи кои ќе учествуваат во елитното друштво. Голем дел од екипите веќе ги стартуваа подготовките за новата сезона, а Комесарот за натпреварување веќе го известил Здружението на прволигаши дека е предвидено првото коло да се одржи на 7 октомври. За разлика од минатите години, од стартот на сезоната во домашното првенство ќе учествува и МЗТ Скопје, бидејќи е укинато правилото кое важеше досега, според кое екипите кои учествуваат во две меѓународни натпреварувања, се приклучуваат во македонскиот шампионат дури од Супер-лигата.

Бројот на екипи учесници се уште не е познат поради неизвесната иднина на Кожув. Клубот од Гевгелија кој пред неколку сезони играше и финале во домашното првенство сега се соочува со огромни проблеми, па реална е опасноста Кожув повеќе да не биде дел од елитното друштво. Први септември е крајниот рок во клуб клубовите треба да ги поднесат првичните листи на регистрирани играчи (кои потоа можат да се дополнат), па се очекува и тогаш да биде јасно дали Кожув воопшто ќе пријави екипа, или пак ќе се откаже од натпреварувањето, опција што во моментов делува многу пореално со оглед на фактот дека на три дена пред крајниот рок нема потпишано договор со ниту еден кошаркар.

Доколку Кожув не биде дел од Првата лига, согласно правилата можност да учествуваат во елитното друштво ќе добијат екипи од Втората лига. Гостивар обезбеди влез во елитата, Радовиш го стори истото, па правото за натпреварување го предаде на Блокотехна, па сега на ред би биле третопласираниот тим Академија ФМП, па доколку и оваа екипа одбие би следеле Водњански лисици, Црн Дрим, Шкупи… На иницијатива на претседателот Петар Наумоски се разгледуваше и опцијата за проширување на Првата лига од 10 на 12 клуба (со што би се вратиле Пелистер и Вардар, кои испаднаа минатата сезона), но за тоа ќе треба да се донесе одлука со консензус од страна на сите членови во Здружението на прволигаши.

Се вчитува...