Првиот „пик“ Фулц се врати, Филаделфија продолжи со победите

Работите се одвиваат одлично за Филаделфија пред крајот на сезонава во НБА-лигата, овој тим успеа да се пласира во плејофот, а згора на тоа од синоќа повторно на располагање го има Маркел Фулц. Овој кошаркар беше избран за прв пик на ланскиот драфт, но одигра само четири средби сезонава пред да замине на операција на рамото, по што следеше повеќемесечна пауза. Сепак, тој ги надмина здравствените проблеми и се врати во тимот за дуелот со Денвер, на кој Филаделфија славеше со 123-104. Фулц го заврши мечот со 10 поени и 8 асистенции, покажувајќи дека ќе биде значаен адут на својот тим во доигрувањето.

„Тој самиот бараше да игра. Искрено, се наежив кога влегуваше на теренот, реакцијата на публиката исто така беше извонредна“ – изјави тренерот на Филаделфија, Брет Браун.

Бостон и без помошта на повредениот Кајри Ирвинг триумфираше на гостувањето во Феникс, а најинтересно беше во Шарлот, каде домаќините по голема борба и дополнителни пет минути игра го совладаа Њујорк со 137-128. Кемба Вокер постигна 31 поен за победничката екипа, додека во редовите на Њујорк блесна Треј Бурк со 42 поени, но и тоа беше недоволно за да се стигне до победа на овој натпревар.

Резултати НБА:

Шарлот – Њујорк 137-128 (по прод.), Детроит – ЛА лејкерс 112-106, Филаделфија – Денвер 123-104, Минесота – Мемфис 93-101, Феникс – Бостон 94-102.

Се вчитува...