ПСЖ „полуде“: Моура и 200 милиони за Мбапе и Фабињо

ПСЖ игра фантастично по доаѓањето на Нејмар, но газдите на францускиот гигант немаат намера да запрат со трошењето на пари. Трансферот на Килијан Мбапе е многу близу до реализација, но француските медиуми откриваат дека француското чудо од дете нема да биде единствениот играч на Монако што летово ќе пристигне на „Паркот на принцовите“.

Заедно со него се очекува да биде промовиран и Фабињо, кој ќе биде последното засилување на „светците“ во овој преоден рок. Станува збор за фудбалер на позицијата последен играч за врска, каде ПСЖ реално е „најтенок“ бидејќи во моментов прва опција е Тијаго Мота. Тренерот Емери, но и газдите на клубот, се убедени дека со овие две суперзасилувања, заедно со Нејмар, не само што клубот експресно ќе се врати на врвот на францускиот фудбал, туку и конечно сериозно ќе го нападне тронот на Лигата на шампионите.

Како што јавуваат медиумите, понудата на ПСЖ ќе изнесува неверојатни 200 милиони евра плус Лукаш Моура, кој во Монако би ја имал улогата на наследник на Мбапе. „Кнезовите“ на почетокот од летово имаа став дека не сакаат да ги продадат своите најдобри играчи на директен ривал, но се чини дека оваа понуда е премногу добра за да биде одбиена.

Се вчитува...