Работнички и без Чековски го освои Куманово

Новата сезона од кошаркарскиот шампионат на Македонија стартуваше со трилер-дуел меѓу Куманово и Работнички, во кој на крајот на победа се радуваа гостите, и тоа по продолжение од пет минути (88-91). Триумфот е уште поголем ако се знае дека „црвено-белите“ настапија без Ѓорѓи Чековски, а домашните кошаркари имаат за што да жалат бидејќи прокоцкаа предност во финишот од регуларниот дел, а потоа и не постигнаа ниту еден поен во последните две минути од продолжението.

Кумановци фуриозно влегоа во натпреварот, за само неколку минути поведувајќи со 11-0. Гостите од Скопје го совладаа почетниот шок благодарение на Гинјард, па по седумте поени на Американецот и тројката на Ефремовски тимот на Марин Докузовски експресно се врати во мечот (11-10). „Сино-белите“ набрзо повторно воспоставија контрола, па целосно доминираа до крајот на полувремето, на одмор заминувајќи со убедливи 51-37.

Куманово делуваше сигурно се до финишот од третата четвртина, за по водството од 62-52 во 28. минута гостите во продолжението да успеат да го свртат резултатот во своја полза. Во вистински момент се разбуди Димитар Мираковски, кој постигна две тројки за водство на „црвено-белите“ од 69-73. Гостите имаа и најубедливи 71-77, но кумановци се разбудија во вистински момент. Во драматичната завршница на регуларниот дел Куманово имаше водство од 81-79, за Бојан Крстевски со две слободни фрлања на четири секунди до крајот да го одведе мечот во продолжение.

Во дополнителните пет минути Јанески го предводеше домашниот состав до рано водство од 88-83, но гостите успеаја да направат целосен пресврт и благодарение на Чавдар Костов и на Бојан Крстевски да стигнат до голема победа од 88-91.

Костов со 30 поени и Гинјард со 22 поени беа најзаслужни за победата на Работнички, додека кај Куманово најдобри поединци беа Караџовски со 29 и Јанески со 19 поени.

Се вчитува...