Работнички почна со подготовките: Европа не чека! (ФОТО)

Со денешниот прв тренинг на своето игралиште во „Градски парк“ и официјално беше означен стартот на подготовките за новата сезона на Работнички. Тренерот Виктор Треневски на оваа прва прозивка не можеше да смета на дел од фудбалерите кои настапуваат за националните селекции, но очекува комплетирање на тимот пред заминувањето на мини-подготовки во Словенија, закажано за 12. јуни.

Ние практично немавме одмор, јас не стигнав ни дома да заминам „од таа страна“. Не сме комплетни, ни недостигаат десетина фудбалери кои се дел од сениорската и од младинската репрезентација, ги очекуваме браќата Сахити да ни се приклучат во текот на денешниот ден. Бојан Најденов се јави и најави дека ќе задоцни еден ден. Официјалниот старт на подготовките е денеска, но моја желба е да се комплетираме до заминувањето за Словенија. Нема некоја филозофија, наша цел е да видиме до каде сме со формата за да се подготвиме што подобро за европските купови. На 19 јуни е ждрепката кога ќе го дознаеме противникот, по што многу ќе можеме да говориме многу поконкретно. Верувам дека максимално подготвени ќе влеземе во тие натпревари и ќе го оправдаме името Работнички и традицијата на успешни настапии на овој клуб во Европа – истакнува Треневски.

dragan popovski

Амбициозниот стратег најавува дека фокусот во овие подготовки ќе биде ставен врз воигрување на тактички план, се со цел да се мине најмалку едно коло од квалификациите за Лигата на Европа.

„Немаме премногу време за некои базични подготовки и затоа ќе се фокусираме само на воигрување. Од тие причини инсистирам само на две контролни средби додека сме во Словенија, за да влеземе во натпреварувачки ритам пред почетокот на европската авантура. Заминуваме во база што му е позната на овој клуб, ќе имаме добри услови за работа и се надевам дека колку што околностите ќе дозволуваат, ние ќе бидеме подготвени за првиот европски меч. Целта е да не се повтори ланскиот неуспех и раната елиминација од Будуќност. Ние нашата цел ја остваривме со самиот излез во Европа, со што си го олеснивме буџетот за следната сезона. Што понатаму ќе зависи од многу работи, ќе зборувам поконкретно кога ќе го дознаеме името на противникот. Во секој случај, целта е да се помине најмалку едно коло во Европа“ – порачува Треневски.

rabotnicki prozivka

На денешниот тренинг на „романтичарите“ се појави засилувањето од Ренова, Стојанче Велинов, како и Енис Дервиши од Шкендија, кој исто така ќе биде освежување за играчкиот кадар на Работнички за следната натпреварувачка сезона.

rabotnicki trening

Клубот е во преговори и со Бесир Исени и Флориан Кадриу од екипата на Шкупи.

Се вчитува...