Работнички се мачеше, но стигна до четвртата победа во низа

Работнички продолжува со серијата одлични настапи во Супер-лигата откако „црвено-белите“ стигнаа и до четвртата победа во низа, славејќи на домашен терен над Чаир со резултат 87-84. „Центарци“ наидоа на силен отпор од скопскиот ривал, згора на тоа беа ослабени и со неиграњето на Американецот О’Нил кој неочекувано го напушти тимот, но избраниците на тренерот Мирковски сепак најдоа начин да стигнат до победата.

Работнички одигра поквалитетно во првото полувреме, „центарци“ на одмор заминаа со двоцифрени 50-39, но Чаир покажа карактер, успевајќи да се врати во мечот. Како што одминуваше времето така и предноста на домаќините се топеше, па така во последната миннута се влезе во неизвесна завршница. Чаир во самиот финиш имаше шанса да дојде до израмнување, но Тачи го промаши второто слободно фрлање при 85-84 на четири секунди до крајот, по што Хатсон од линијата за слободни фрлања стави печат на овој триумф на скопските црвено-бели.

Токму Хатсон беше креатор на оваа победа со 31 поен и 13 скокови, Ѓуроски имаше 19, а Ефремовски 16 поени на овој меч на кој тренерот Мирковски користеше само седум кошаркари во ротацијата.

Исто толку кошаркари користеше и тренерот на Чаир, во чии редови најефикасни беа Американците Билингсли со 25 и Четмен со 18 поени.

Се вчитува...