Рајковиќ, Спасев, Кочов, Петрески… македонските тренери полека, но сигурно ја освојуваат Европа (ФОТО)

Македонија оваа сезона има и поголем број на тренери кои ја претставуваат нашата кошарка од Русија преку Полска, Германија и Косово па се до Турција, а истите можат да се пофалат со одлична сезона.

Емил Рајковиќ и неговиот Автодор Саратов беа претенденти за титула во ФИБА Еврокупот, притоа рускиот клуб беше големо изненадување и во ВТБ лигата, но за жал сезоната заврши порано од очекуваното поради конфликтот помеѓу Русија и Украина.

Рајковиќ не дочека плеј-оф, но истиот ќе го дочека Ѓорѓи Кочов кој е помошен тренер во Кемниц Најнерс во „елитата“ на германската кошарка. Таму Македонецот и неговиот тим успеаја да го земат скалпот на евролигаши како Баерн Минхен и Алба Берлин, а со вчерашната победа над Вурзбург се најдоа и меѓу најдобрите осум тима кои ќе разигруваат за титула.

Вчера голема победа забележа и Мирко Петрески кој сред Белград со својот Бураспор успеа да го елиминира Партизан во осминафиналето од Еврокупот. Македонецот е помошен тренер на Србинот Алимпијевиќ, а до крајот на регуларниот дел од првенството ги очекува и тешка битка за место меѓу најдобрите тимови во турското првенство.

„Староседелецот“ во Полска, Тане Спасев направи чудо со Лублин откако го превзема тимот во борба за опстанок и со седум победи во десет натпревари го задржа меѓу најдобрите тимови во полското првенство.

Во Косово пак за титула остануваат да се борат Љупчo Малинков, Марин Докузовски и Дарко Радуловиќ.

Успесите на македонските тренери во странство се уште еден доказ дека нашата кошарка има стратези кои можат да ја вратат во „европскиот крем“, но за истото се потребни и промени дома како инвестирање во инфраструктура кој е клучна за успешен раст и развој на играчите.

Се вчитува...