Ракометни ЗАГРЕБАНЦИИ: Биди мирен како Раул!

Билјана Благоеска Петрушева

На едно од најбурните европски првенства, умешност е да останеш „мирен како Раул“. Последниве два дена фрчат изненадувања од сите страни, судиски одлуки под „црни плаштови“, Вујо застана на гол да ја брани Словенија од европската неправда. Словенците се заканија дека ќе си одат…

Србите за малку ќе се истепаа во Сплит, се спакуваа да си одат, и синоќа Лино ги „спаси“. Шведска ја „растури“ Хрватска и на домаќините им донесе „здрава“ несоница во „златниот сон“.  Исланѓаните „експлодираа“ со Шведска на стартот, а сега се во авион за Рејкјавик…Чесите губеа рекордно, па од нигде – никаде ја лупнаа Данска…

И моќните Германци по бодот со Словенија освоен со „повикај го пријателот„ и скриј го мониторот, сфатија дека на терен и не се така моќни како што мислеа. Тие со „црн бод“, Македонија со два. Табелата со Македонија горе баш и не им е по мерка на европските шампиони. Па, селекторот Кристијан Прокоп се поправи во изборот и прати повик за двометрашот Лемке. Германците велат, за да го исплашат Кире Лазаров?!

Раул мирно вели : „Не знам. Не ме интересира што прават другите. Не коментирам.“

Мирнотијата на селекторот ги „зарази“ и ракометарите. Смирени, насмеани, не премногу речити на брифингот со новинарите, ама коректни да си ја завршиме работата и ние и тие.

Тие мирни, „фалангата“ бучна, ние вообичаено растрчани, да стигнеш секаде, да доловиш се…и отиде кафето по тастатура!

А, кај да е, ќе мора и ние да почнеме да го „фаќаме“ денот со мантра:

 „Биди смирен како Раул… Биди смирен како Раул…“

Ама, нека помине прво денеска Германија, па после ќе го „фрлиме“ крстот и во Вараждин ќе бидеме „мирни како Раул“. Можеби…

Се вчитува...