Ракометни ЗАГРЕБАНЦИИ: Како Филип го предвиде Филип…

Билјана Благоеска Петрушева

Ако ви текнува на маглата од првиот ден, е па денеска во Загреб пука сонце од рано посабајле. Можеби таква е „временската прогноза“, ама нас ни свети сигурно и од победите и од синоќешната прослава на „фалангата“. Се будиш и фино доаѓа сонцето после вчерашниот турбо-ракомет ден.

Македонија има „два од два“ на почетокот на ЕП. Свети во Загреб како никогаш на ниедно првенство претходно. И светат сите заедно. Вчера се запали и битолскиот „Фитиљ“ (Филип Кузмановски). Па, не смее да го срами името што е една четвртина од овие нашиве 16.

Како тераат на ова ЕП Филип први, втори, трети, четврти и плус ген-секот, покрај Водици и Свети Филип ќе ни стане „слава“ во репрезентација!

Филип Миркуловски пак е како „супермен“ и со сите повреди кога ќе загусти влегува „на глава“ и беспоштедно спасува ситуација. „Остајте повредата, нема шанси да не играм…“. Одново и одново ги поместува границите на издржливост. Едноставно, не можеш да не го почитуваш!

Филип Талески гине и во напад и во одбрана и ја „фаќа“ додадена од Кирил Лазаров за гол на денот!

Филип Лазаров мислиш Кирил е, со „пет од пет“, стопроцентна прецизност во првите два натпревари и решавачки гол за победа против Словенија. И добро предвидува, секоја чест.

Кај новинарите е еден од „омилените играчи“ за изјави. Знаеш дека од тоа што ќе го каже имаш „материјал“. Дури може и да сочуваш нешто „на залиха“. Да ти се најде во вистински момент.

Е, па еве еден таков. Како Филип го предвиде Филип…

„Секој има свои задачи. Талески се потроши доста, игра главна улога во одбрана и во нападот. Овој пат имаме доста ширина во тој состав. Вчера на пример Кузмановски не доби шанса,  ама мислам дека во некој од наредните натпревари може да има главна улога…“

Опа, си викам на тоа брифингот од пред некој ден. Фиќо да си жив и здрав, ова ќе заврши работа деновиве. Си го складирам јас така тоа делче во фолдерче и излегува вчера „малиот“ од Битола и ни помалку ни повеќе – „man of the match“. А, „малиот“ од Крушево со гол на денот!

Тамам за изјавата сочувана во „залиха“, се смееме со Филип-ите, синоќа по победата.

„Клаваме голој и победуваме“ . Тоа е тој „битолски рецепт“ за македонски успех. Е, па после нормално дека ќе се пее за Битола во фан зоната.

„Бегам“ јас сега (што би рекле битолчани) на денешниот „брифинг“ со ракометарите…Да фатам пак некоја „на залиха“.

Се вчитува...