Ракометни ЗАГРЕБАНЦИИ: „Магла свуда, магла око нас..“

Ова Загреб-ов ист како наше Скопје. Само што стигнавме, магла не фати. Тренингот го „утнавме“, ама низ маглата и ситниот дождец на „прва раскрсница“ го пресретнавме автобусот со македонската репрезентација.

Добро е, има малку сонце! Од македонското знаме, се разбира.

Искрено, помалку им завидуваме на оние што ЕП  го „дишат“ во „морските групи“  во Сплит и во Пореч и се шегуваме со колегите за оние некогаш популарни загрепски „Смоговци“.

Ама од друга страна, навикнати сме ние. Се снаоѓаме и во магла.

Уште и нашите „лавови“ низ ситниот дождец,  да ги „уловат“ денеска „змајчеките“ на Вујо, одма ќе се расчисти маглата со сите зaгрепски ПМ-честички.

Спортски поглед

Никогаш поспортски поглед не сум имала на ниедно од сите ракометни првенства и Ф-четворки досега.

Од прозорецот, да нема забуна!

Од нашата загрепска „новинарска база“ на деветтиот кат, од една страна во „воздушна линија“ гледаме право на „Арена“, од другата директно на локалното стадионче во Трнско, како да си на трибини.

Да биде впечатокот комплетен, и на сапунот за миење раце пишува „Финале“! Ај, на арно нека е.

Ама, Хрвативе гарант за нив си го отштампале. Како дел од „специјалната подготовка“ на изборникот. Нема овде „експерименат“, да бидеме начисто. Се миеш и нон-стоп читаш „финале“. Кај да е, ќе ти влезе во глава!

Црногорците и колачите

На Црногорците пак пред почетокот на ЕП им паднал шеќерот. Шетале дел од репрезентативците на Црна Гора низ центарот на Загреб и барале колачи. И случајно налетале на еден од хрватските новинари, па побарале помош – да им каже добро место кај да каснат нешто благо.

„Добровечер, има ли во близина некое добро место да се каснат колачи?“ – прашале ракометарите.

Колегата им кажал добро место за колачи и онака, попатно, ги прашал Црногорците дали ќе ја „тепаат“ Македонија за втор круг.

„Ма, и Македонија и Словенија. Само со Германците единствено не можеме никако“ – му одговориле гладните Црногорци.

„Туку, пушти тоа, одиме ние прво да ги „тепаме“ колачите“ – го „забрзал“ муабетот еден од играчите и „удрил“ на палачинките.

Среќа за нив што не побарале сладолед. Оти, и на Прибак еднаш така му „падна шеќерот“ во Доха, па на крај од сладоледот му се „загорчи“ првенството.

Ај, да видиме како ќе им тргне на Црногорците заблажени со загрепските палачинки.

Се вчитува...