Рангник уште недојден во Милан тргна на шопинг во Јувентус

Ралф Рангник чека официјално да заврши сезоната во Серија А за да биде именуван во нов тренер на Милан, но тоа не му пречи на германскиот стратег во меѓувреме да преговара за засилувањата што посакува да ги види на „Сан Сиро“. Директорот Газидис го убедил Рангник да дојде во Милано токму со давањето слобода во одлучувањето за трансфери, а сега Германецот го користи тоа за што поскоро да осигура неколку засилувања, уште за време на паузата поради коронавирусот.

Прва „станица“ во „шопингот“ на следниот тренер на Милан е тимот на Јувентус, па „росонерите“ почнаа преговори со „старата дама“ за Даниеле Ругани. Најавуван како нова ѕвезда на италијанскиот фудбал, Ругани никогаш не го оправда тој епитет во Јуве, каде сега е петти избор во одбраната, зад Бонучи, Де Лихт, Кјелини и Демирал. „Црно-белите“ размислуваат за продажба, а Милан нуди 20 милиони евра откако Рангник во него забележал квалитети што можат да го направат командант на одбраната на „росонерите“ веќе од следната сезона.

На Ругани му е понуден четиригодишен договор за плата од три милиони евра плус бонуси, а во ситуација кога во Јувентус многу ретко добива шанса овој 25-годишен дефанзивец е подготвен за преселба на „Сан Сиро“, каде од новиот тренер му е ветен првотимски статус.

Се вчитува...