Раскол во Австрија, шанса за Македонија: Навивачите и фановите бесни на селекторот кој ќе ги предводи на ЕП

Репрезентацијата на Австрија ќе биде првиот противник на Македонија на дебито на Европското првенство, а фудбалерите на оваа селекција не успеаја да постигнат ниту еден гол во двата контролни натпревари, па забележаа 300 минути голгетерски пост вклучувајќи ги и мундијалските квалификации.

Прв на удар навивачите е Франко Фода, германскиот стручњак, под чија палка во 2019 година, Австрија двапати успеа да нѐ победи, но во последно време тимот е неубедлив, создава шанси, ама нема реализација.

„Фода аут“ извикуваа навивачите после мечот на „Ернст Хапел“ во Виена, а ова го бараа уште по соопштувањето на списокот, во кој доминираат фудбалерите од Бундеслигата, дури 19-мина, а фактот дека ни со Англија (0-1), ниту со Словачка (0-0), избраниците не импресионираа, па поради тоа и јасна е загриженоста дека повторно може да им се случи фијаско.

„Навивачите бараат смена, но сега такво нешто е невозможно, но јасно е дека од тоа што во последно време игра националниот тим, немаме преголем оптимизам. Најголемите оптимисти велат дека сѐ чуваме за Македонија, но после 300 минути без даден гол, тешко е да се поверува во тоа. Австрија против Македонија е јасен фаворит, на теренот тоа треба да се докаже и мора да се победи, но минатото нѐпредупредува дека ние како големи фаворити и премногу оптимистички отидовме на Евро 2016, па доживеавме фијаско“, пишува еден австриски весник.

Австрија има извонредна екипа со Давид Алаба и Мартин Хнтерегер во одбраната со Јулијан Баумгартлингер во средината, до исклучителниот Марсел Сабицер во креацијата, Валентино Лазаро, Марко Арнаутовиќ во нападот, кој вчера го размрда тимот откако влезе и со бундеслигашката ѕвезда во надоаѓање, Саша Калајџиќ, но сето тоа очигледно не е добро вкомпонирано во изминатиов период.

Македонија ќе биде првиот противник, а Ханс Кранкл, фудбалската легенда на виенски Рапид, екс-фудбалер на Барселона и еден од најдобрите напаѓачи на сите времиња во Австрија (392 гола на 518 меча во кариерата, 34 гола во 69 меча за репрезентацијата) тврди за „Ое24.ат“, дека Австрија мора да знае дека противникот е на исто ниво како Словачка, а следните два противници Украина и Холандија уште посилни.

„Македонија ќе биде тешка еднакво како Словачка. Украина и Холандија уште потешки ривали, затоа нациоанлниот тим ќе мора да покаже многу повеќе и да одигра многу подобро. Не смеме да си дозволиме грешка во одбрана, а мора да проработи креацијата, инаку ќе биде лошо“, заклучи Кранкл.

Се вчитува...