Распродажба во Ајакс – за 300 милиони евра!

Огромниот успех на Ајакс со пласманот во полуфиналето од Лигата на шампионите придонесе цените на првотимците на холандскиот гигант вртоглаво да растат. Кога станува збор за Ајакс, тука стратегијата е јасна – штом се достигне одредено ниво нема „блокада“ за трансфер, за да се задржи природниот начин на функционирање на клубот.

„Де Јонг  е продаден, а истото ќе го сториме и со Де Лихт. Ако добиеме добри понуди и за останатите, голем дел од нив исто така би заминале. Зошто? Бидејќи така работиме, им овозможуваме мегатрансфери на најдобрите играчи, а оставаме место за оние помладите да ги наследат“ – истакна директорот Марк Овермарс.

Холандските медиуми најавуваат дека распродажбата на Ајакс е веќе почната, а холандскиот гигант планира да заработи најмалку 300 милиони евра летово. Трансферот на Де Јонг во Барселона носи 75 милиони евра, а приближна сума се очекува да се заработи и од Де Лихт, за кого во трка се наоѓаат Барса и Јувентус. Бекот Талјафико е поврзуван со Реал Мадрид во трансфер вреден 35 милиони евра, а за исто толку се очекува да биде продаден и Мазрауи, за кого се интересираат Манчестер Јунајтед и Арсенал.

Давид Нерес одби понуда вредна 43 милиони евра од Кина во текот на сезонава, неговата вредност уште повеќе се зголеми, па се очекува Ајакс летово да го продаде Бразилецот за најмалку 50 милиони евра. Ако на ова се додадат и Ван де Бек и Зијеш, јасно е дека Холанѓаните се подготвени да продадат повеќе од половина од моментните првотимци, за добро да заработат и веднаш да отворат место во тимот за некој нов Де Јонг, Де Лихт…

Се вчитува...