Раул: Денеска ќе уживаме, а од утре ќе мислиме за Германија

ЕКИПА на ЕП во Хрватска

Билјана Б. Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски

Раул Гонзалес продолжува да го вади максимумот на македонската ракометна репрезентација, забележувајќи ја и втората победа во низа од стартот на ЕП 2018. Пречката наречена Црна Гора е мината, пласманот во следната рунда е осигуран, па в среда со Германија ќе се води битка за првото место во групата Ц.

„Честитки до противникот бидејќи многу, многу добро се подготвија за мечот со нас. Во првото полувреме играа подобро од нас, но во вториот дел се се смени. Ние станувавме се подобро и подобро, како во нападот и во одбраната, ја завршивме работата и со четири бодови ќе влеземе во мечот со Германија. Противникот беше мотивиран бидејќи ова беше многу важен натпревар, за нас евентуален пораз можеше да значи и елиминација, но одговоривме на предизвикот. Денеска ќе уживаме, а од утре почнуваме да се подготвиме за пресметката со европскиот шампион“ – истакна македонскиот селектор.

Тој го пофали настапот на Филип Кузмановски, кој беше „џокер“ на Шпанецот на вечерашниот натпревар.

„Филип Кузмановски е одличен ракометар кој доби шанса и фантастично ја заврши работата. Не играше со Словенија бидејќи одлично функциониравме во одбраната со Талески, но јас веќе реков дека ова првенство е долго и дека сите ќе добијат шанса. Верувам во Кузмановски и мило ми е што денеска ја оправда довербата“ – изјави Гонзалес.

Се вчитува...