Раул Гонзалес: Горд сум на моите играчи

Раул Гозналес има причина да биде задоволен и во новата сезона во ЛШ во која Вардар успешно тргна во одбрана на европската титула. Со добра тактика и уште подобра практика на терен, Раул Гонзалес по втор пат годинава го доби дуелот со Чави Пасквал, а Вардар запиша уште една победа против големата Барселона. Како клуч за успехот во вечерашната пресметка со најтрофејниот клуб во историјата, шпанскиот тренер ги посочи Арпад Штербик и сигурната игра во одбраната.

„Оваа победа за нас е голем успех, бидејќи знаеме што значи Барселона во ракометот. Не го почнавме најдобро натпреварот, но потоа одбраната 5-1 со Каелјас напред почна да функционира, а Штербик да брани. Нападот функционираше како што посакувавме и малку по малку ја градевме разликата. Ова се важни два бода  за нас ако погледнеме дека Барселона е главниот ривал за првото место во групата. Јас сум горд на моите играчи кои дадоа се од себе“ – изјави Раул Гонзалес.

За Вардар ова е четврта победа во петте одиграни натпревари, која го носи на лидерската позиција на табелата во групата А со вкупно 9 бода.

Се вчитува...