Раул избра 19 играчи за Белград, двајца младинци остануваат во Скопје

Македонската ракометна репрезентација од денеска продолжи со тренинзи, на десет дена пред официјалниот почеток на ЕП 2018 во Хрватска. „Црвено-жолтите“ денеска и утре ќе тренираат во Скопје, а в четврток со авион заминуваат за Белград, каде ќе одиграат две контролни средби. На 4 јануари противник ќе ни биде Саудиска Арабија, додека на 5 јануари нашите ракометари ќе се сретнат со Србија, во последната контрола за ЕП и дуелот со Словенија што ќе го играат во Загреб на 13 јануари.

Селекторот Раул Гонзалес реши за Белград да патуваат 19 ракометари, оставајќи ги во Скопје голманот Мартин Томовски и средниот бек Горан Крстески, кои минатата година беа дел од младинската репрезентација која стигна до историски пласман на СП во Алжир.

Томовски и Крстески не патуваат за Белград, но потоа ќе продолжат со тренинзи со остатокот од репрезентацијата по враќањето назад во Скопје“ – изјави директорот на репрезентацијата, Милчо Чакарески.

По враќањето назад во Скопје ракометарите ќе тренираат и ќе ја „шминкаат“ играта на тактички план уште неколку дена, по што Гонзалес дефинитивно ќе пресече и ќе ги избере оние репрезентативци кои ќе ги бранат боите на Македонија на ЕП во Хрватска.

Се вчитува...